Реал Мадрид постигна договор: Диоманде доаѓа за 120 милиони евра

Реал Мадрид е на чекор до реализирање на еден од најголемите трансфери ова лето, откако постигна принципиелен договор со Лајпциг за ангажманот на Јан Диоманде.

Според повеќе реномирани европски медиуми, двете страни веќе постигнале усмен договор, а во текот на понеделникот се очекува шпанскиот гигант да ја испрати и официјалната понуда. Таа ќе изнесува 120 милиони евра, заедно со бонусите може да достигне 140 милиони, сума што германскиот клуб е подготвен да ја прифати.

Во изминатите недели како најсериозен кандидат за потписот на Диоманде важеше Пари Сен Жермен, но високата понуда на Реал Мадрид и решителноста на „кралскиот клуб“ да го доведе репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска ги натерале француските шампиони да се повлечат од трката.

Диоманде зад себе има одлична сезона во дресот на Лајпциг. Во 46 натпревари во сите конкуренции постигна 15 голови и запиша 11 асистенции, потврдувајќи дека е еден од најперспективните офанзивци во Европа. Добри партии прикажа и на Светското првенство, каде што настапи на сите четири натпревари за репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска и забележа една асистенција.

Со неговото доаѓање Реал Мадрид дополнително ќе ја засили конкуренцијата во нападот. Диоманде би бил уште едно звучно засилување во летниот преоден рок, по ангажманот на Марк Кукуреља, Дензел Дамфрис, Ибрахима Конате и Бернардо Силва.

Воедно, овој трансфер може да има сериозно влијание и врз иднината на Винисиус Жуниор. Бразилскиот напаѓач веќе подолг период не успева да постигне договор со клубот околу продолжување на соработката, а неговиот актуелен договор истекува на крајот од сезоната. Поради тоа сè погласни се шпекулациите дека Реал би можел да ја разгледа можноста за негова продажба доколку пристигне понуда што ќе ги задоволи клупските барања.

Доколку трансферот на Диоманде биде официјализиран во наредните денови, тој ќе стане едно од најскапите засилувања во историјата на Реал Мадрид и уште една потврда за амбициите на шпанскиот великан да остане во самиот европски врв.

Се вчитува...