Мајкл Олисе нема да оди во Реал Мадрид. „Кралевите“ испратија официјално соопштение во кое наведуваат дека немале никакви преговори со Баерн за ангажман на францускиот фудбалер, и дека не сакаат да ги расипат добрите однови со „Баварците“.
Ова беше одговор на шпекулациите кои се појавија во последните неколку недели за трансфер на Французинот на „Сантијаго Бернабе“.
„Како одговор на извештаите во разни медиуми во врска со наводен интерес од нашиот клуб за играчот на Баерн Минхен, Михаел Олисе, Реал Мадрид сака да изјави дека немал никаков директен или индиректен контакт со горенаведениот играч, неговите претставници или некој во неговата околина.
Реал Мадрид, исто така, сака да го истакне одличниот институционален однос што го одржува со Баерн Минхен, со кого дели долга историја на меѓусебно почитување, соработка и восхит, и жали за ширењето шпекулации што не одговараат на реалноста.
Двата клуба отсекогаш одржувале однос заснован на доверба и меѓусебно почитување, што се рефлектира, меѓу другите аспекти, во заедничкото убедување дека секој потенцијален интерес за играч што му припаѓа на другиот клуб мора прво да се реши меѓу самите субјекти, во согласност со принципите на институционална лојалност што историски ги регулираат односите меѓу Баерн Минхен и Реал Мадрид“, стои во соопштението на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
