Реал Мадрид се откажа од Давид де Хеа

Реал Мадрид нема да го ангажира Давид де Хеа во претстојниот преоден рок, решил Флорентино Перез откако првиот човек на европскиот шампион ги прекинал преговорите на оваа тема со Манчестер јунајтед. Перез веќе извесно време се обидува да го доведе извонредниот шпански голман на „Сантијаго Бернабеу“, но овојпат се откажал од својата намера откако „црвените ѓаволи“ одбиле 60 милиони евра од Реал Мадрид.

Станува збор за сума што ќе го направеше Де Хеа најскап голман во фудбалската историја, но откако Манчестер јунајтед побара 85 милиони евра, првиот човек на Реал реши воопшто да не продолжи со разговорите на оваа тема. Тој го послуша барањето на играчите предводени од капитенот Рамос, поддржани и од тренерот Зидан, кои бараа повторно улогата на прв голман да му биде доделена на Кејлор Навас.

Како што јавува весникот „Марка“, Перез веќе му соопштил на Зинедин Зидан за својата одлука, па прв голман останува Навас, негова резерва Кико Касилја, а трет голман ќе биде синот на Зизу, Лука Зидан.

Се вчитува...