Реал Мадрид се „распука“, нека дојде ПСЖ

Трката за титулата во Примера е веќе загубена, но Реал Мадрид сепак одигра извонреден меч против Реал Сосиедад, триумфирајќи со убедливи 5-2 за успешна увертира во пресрет на осминафиналните мегапресметки со ПСЖ.

Победата беше најавена веќе во првата минута, откако Васкез по само 50 секунди игра ја затресе мрежата на гостите на асистенција на Кристијано Роналдо. Португалецот блескаше до крајот на полувремето со уште два постигнати погодоци, а еднаш меѓу стрелците се запиша и Тони Крос.

Убедливиот триумф веќе беше осигуран, па „кралевите“ решија да не притискаат, чувајќи дел од силите за претстојниот дуел со ПСЖ и првата битка во нокаут фазата за одбрана на европската круна. Гостите го искористија тоа и постигнаа почесен погодок преку Баутиста во 71. минута, пред Роналдо да го комплетира својот хет-трик, прв во Примера за Португалецот сезонава.

Конечните 5-2 ги постави поранешниот играч на Реал Мадрид, Илјараменди. Точка на мечот можеше да стави Карим Бензема, но Французинот уште еднаш покажа дека се наоѓа во очајна форма, во 92. минута шутирајќи од идеална позиција од пет метри над противничкиот гол.

Се вчитува...