Реал Мадрид беше предводник на идејата за фудбалска Супер-лига, проект што не се реализираше и неодамна и официјално се распадна. Флорентино Перез во последната година беше меѓу најгласните заговорници на идејата за формирање на НБА Европа на местото на актуелната Евролига, но и оваа желба на првиот човек на Реал нема да се реализира, барем на во блиска иднина.
Во прв момент идејата се чинеше интересна, но клубовите еден по еден потпишуваа нови договори за соработка со Евролигата. Тоа го стори дури и француски Асвел, тимот со најмал евролигашки буџет, оставајќи ги само Фенербахче и Реал да размислуваат кој пат да го изберат.
Од денеска, Реал Мадрид е осамен во размислувањето за поинаква визија за европската кошарка откако Фенербахче потпиша нов десетгодишен договор како член на Евролигата. Турскиот гигант преку соопштение потврди дека останува член на елитното кошаркарско европско семејство, додавајќи дека ќе продолжи да ја следи и визијата за НБА Европа во иднина…
Фенербахче е актуелен бранител на трофејот во Евролигата и ќе биде учесник на претстојниот фајналфор турнир во Атина, на кој избраниците на Јасикевичиус за ривал во полуфиналето ќе го имаат Олимпијакос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
