Реал се „тресе“: Мбапе ја прифатил понудата на ПСЖ?!

Килијан Мбапе ќе го извиси Реал Мадрид и ќе потпише нов договор со Пари сен Жермен, велат последните информации поврзани со францускиот репрезентативец. Тој утревечер ќе го одигра последниот овосезонски меч за ПСЖ, по што ќе ја обелодени и конечната одлука околу следниот чекор во кариерата, а јасно е дека за Мбапе постојат само две опции, нов договор со ПСЖ или преселба како слободен играч во Реал.

Иако долго време се шпекулираше дека „кралевите“ имаат постигнато целосен договор, последните информации говорат за огромен пресврт во оваа трка. Имено, ПСЖ не само што му понудил на Мбапе повеќе пари од шпанскиот гигант, туку голгетерот ќе има влијание и врз клупската политика, пред се кога станува збор за доведувањето на нов тренер и нови засилувања во клубот. Според она што од утрово го пренесуваат неколку француски медиуми, како и СкајСпортс, во ПСЖ добиле сигнали дека оваа понуда е прифатена и дека Мбапе ќе потпише договор на уште најмалку три сезони.

Во Реал Мадрид долго време делуваа смирени на оваа тема, но во изминатите 24 часа и кај нив била забележлива нервоза. Долгото чекање може да придонесе Мбапе да го откачи шпанскиот гигант во „пет до дванаесет“, и тоа на помалку од една седмица пред големото финале во Лигата на Шампионите што Реал треба да го одигра против Ливерпул.

Килијан Мбапе в недела би требало и официјално да ја обелодени својата одлука за следниот чекор во кариерата, а дотогаш ќе продолжи исчекувањето, како на „светците“ од Париз и „кралевите“ од Мадрид, така и на целокупната светска фудбалска јавнсот.

Се вчитува...