Реал тргна по Азар, Асенсио се налути и најави трансфер

Еден Азар е фудбалерот чиј трансфер ќе биде приоритет на Реал Мадрид по завршувањето на сезонава, но самото споменување на белгиската суперѕвезда предизвика бран на незадоволство во сегашниот табор на „кралевите“.

Марко Асенсио е најзасегнат во целата ситуација, свесен дека ангажманот на врвен крилен офанзивец уште повеќе ќе му ги намали шансите за стандарден првотимски статус, па младиот ас веќе и гласно им се заканил на членовите на управата дека сериозно ќе ги разгледа сите понуди од клубовите кои се подготвени да му гарантираат далеку поголема минутажа. Асенсио пред неколку месеци потпиша нов долгогодишен договор со Реал, „кралевите“ сигурно нема да сакаат да го продадат така лесно шпанскиот „бисер“, но ситуацијата би можела да се промени со понуда од околу 100 милиони евра.

Тие пари потоа би биле искористени за ангажманот на Азар, фудбалерот кој се наоѓа на врвот на листата со желби на тренерот Зинедин Зидан. Белгиецот исто така не ги крие симпатиите за „кралскиот клуб“, флертот трае веќе неколку години, но се чини дека токму по завршувањето на сезонава Флорентино Перез ќе го направи првиот конкретен потег, испраќајќи богата понуда до Челси.

Се вчитува...