Ренова и Работнички во битка за Европа, „лавовите“ и „пандевци“ во увертира на финалето од Купот

Ренова и Работнички на мегдан во Тетово во 28. коло од Првата македонска фудбалска лига кој може во голема мера да одлучи околу битката за четвртата позиција на табелата.

Битка за 4. место кое може да донесе европски излез следната сезона. Па, сосема е јасна силната желба и во двата табори за три бода денеска.

„По триумфот на Чаир малку кренавме глави. Но, треба да продолжиме да работиме и да се обидеме да победиме и против Ренова во Тетово. Ние и понатаму ќе дадеме се од себе за да обезбедиме пласман во Лигата на Европа следната сезона. Имавме негативен период, но верувам дека сето тоа е зад нас и дека сега ќе продолжиме во позитивна насока“ – вели офанзивецот на Работнички, Баже Илијоски.

А, триумф за европски излез посакуваат и од Академија Пандев на гостувањето против Македонија ЃП во Скопје. Меч кој претставува еден вид увертира на двете екипи пред финалето кое ги очекува во Купот на Македонија.

„Високо мотивирани и со одлична атмосфера во соблекувалната го очекуваме дуелот против Академија Пандев. Како увертира на големото финале во Купот на Македонија, да го исполниме стадионот до последно место и со заеднички сили, лавовски да освоиме нови три бода во борбата за позиција погоре на табелата во домашното првенство“ – истакнуваат од таборот на Македонија ЃП.

Но, во три бода од Ѓорче Петров веруваат и „пандевци“…

„Добро се познаваме со Македонија ЃП. Ги почитуваме како тим три пати игравме сезонава против нив и забележавме две победи и еден пораз. Нема да калкулираме на мечот во недела, одиме на победа за да го осигураме третото место на табелата кое води во Европа“ – вели тренерот на Академија Пандев, Југослав Тренчовски.

ПМФЛ – 28. КОЛО (денеска, 16 ч.)

Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА

Тетово: РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ

Струмица: БЕЛАСИЦА – ПОБЕДА

Скопје: ШКУПИ – СИЛЕКС

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

Се вчитува...