Ренова со гранитна одбрана и со голот на Мишковски го елиминира Алашкерт во Ереван

Ренова патува во следното коло од квалификациите во Лигата на Европа откако го совлада фаворизираниот Алашкерт во Ереван со 0-1. Ненад Мишковски го постигна победничкиот гол за „гипсарите“ во 58.минута. Тој одлично се снајде во противничкиот шеснаесетник по корнерот од десната страна, скокна највисоко и со удар со глава ја затресе мрежата на домаќинот.

Ренова одигра мудро, ја препушти играта на противникот, но со гранитна одбрана не дозволиваше да биде загрозен голот на Хадис Велии. Се закануваше со контранапади, преку Емран Рамадани и Ремзифаик Селмани. Во второто полувреме тимот на Бујар Ислами стигна до водство, а потоа уште поцврсто го засили бедемот пред сопствениот гол.

Во составот на Алашкерт настапи македонскиот интернационалец Ристо Митревски кој со соиграчите мораше да се помири со пораз и да им честита на фудбалерите на Ренова за поуспешниот настап.

Се вчитува...