Реприза од Купот: Еуро Никел му набива комплекс на Гостивар

Еуро Никел премногу лесно и убедливо славеше над Гостивар со 90-79, почнувајќи да му набива комплекс на ривалот што избраницитее на Горан Самарџиев подеднакво лесно го преслушаа и во Купот на Македонија пред помалку од една седмица. Оваа серија барем на хартија требаше да биде најнеизвесна, но Еуро Никел денеска во салата во Гевгелија (таму е домаќин бидејќи „Јасмин“ во Кавадарци служи за вакцинација на населението) без многу мака го скрши отпорот на тимот предводен од Алек Јончевски.

Гостиварци беа подобри само во првата четвртина, што со поените на Тодоровиќ во самиот финиш ја добија со минимални 22-24. Еуро Никел потоа презеде контрола, заигра подобро во одбраната и ја доби втората четвртина со 25-15. Не само што гостите не успеаја да се вратат, туку кавадарчани ја продолжија доминацијата на теренот и во преостанатите 20 минути. Третата четвртина заврши со седумнаесет поени предност за Еуро Никел, во последната четвртина имаше и „плус 22“ (85-63), за гостите во остатокот од мечот да се изборат за нешто поподнослив пораз, изразен со конечните „плус единаесет“ за домашната екипа.

Центрите беа во елемент, Рикиќ реализираше 19, Мијатовиќ 18 поени за победничкиот тим, додека Дарко Соколов повторно беше на висина на задачата со 17 поени и 7 асистенции. Најефикасни кај Гостивар на денешниот натпревар беа Тодоровиќ со 20 и Јанески со 19 постигнати поени.

Се вчитува...