Решен проблем: Барса ги регистрираше сите летни засилувања освен едно

Барселона конечно ги разреши финансиските проблеми кои беа пречка да се регистрираат новите фудбалери кои беа потпишани во текот на летово.

Откако претседателот Лапорта денеска продаде уште дел од медиумските права на клубот за дополнителни 100 милиони евра, беа обезбедени доволно средства за да биде покриен речиси целокупниот буџет за плати. Поточно, вечерва Ла Лига ја потврди успешната регистрација на Левандовски, Рафиња, Кеси и Кристенсен, воедно прифаќајќи ги и новите договори што летово ги потпишаа Серхио Роберто и Усман Дембеле.

Ова значи дека сите овие фудбалери ќе бидат во комбинација за настап на утрешниот натпревар против Рајо Валјекано, лоша вест за нашиот репрезентативен голман Столе Димитриевски, кој е најавен како стартер за дуелот на „Камп Ноу“.

Од сите летни засилувања не е регистриран единствено Жул Кунде, дефанзивецот кој пристигна од Севилја за сума од 50 милиони евра. Тренерот Чави го избрал токму него поради недоволната физичка подготвеност, Французинот секако немаше да биде стартер против Рајо, а неговата регистрација се очекува во текот на следната седмица.

Се вчитува...