Решени и Бугарите, дајте ги „големите“

Младинската репрезентација на Македонија забележа нова победа, овојпат над соодветната селекција на Бугарија со резултат 1-0, во пријателскиот натпревар што по се изгледа ќе претставува и генерална проба за избраниците на Боби Милевски пред нивниот настап на ЕП во Полска во месец јуни. Милевски им даде шанса на голем број фудбалери да ги покажат своите квалитети, во првиот дел Македонија настапи со своите најдобри единаесетмина, во вториот шанса добија и дел од помладите играчи, но најважно од се е што „црвено-жолтите“ имаат тотална контрола над играта, па потоа по стекнатото водство рутински ја одржаа позитивата до самиот крај за конечна победа.

Мечот почна со доминација на македонските фудбалери, а првата посериозна шанса ја промаши Радески, кој одлично беше исфрлен зад противничката одбрана, но шутираше високо над голот. Бабунски и Николов доминираа на средината на теренот, па Македонија целосно го диктираше темпото. Се создаваа и шанси пред голот на гостите, но обидите беа непрецизни се до 42. минута, кога Радески повторно доби топка зад противничката одбрана, но овојпат офанзивецот на Шкендија одлично се снајде и ја донесе Македонија во водство.

IMG_5075

Двајцата селектори во второто полувреме им дадоа шанса и на дел од своите помлади фудбалери, што придонесе да падне и темпото на игра. Бугарија првпат посериозно се закани во 83. минута, кога гостите по еден „скратен корнер“ биеја за малку непрецизно, а во 86. минута Македонија доби идеална шанса да постигне и втор гол откако судијата Јакимовски покажа на белата точка по играњето со рака на еден од бугарските дефанзивци. Петар Петковски ја превзеде одговорноста, но фудбалерот на Вардар биеше многу слабо, директно во средината, по што гостинскиот голман го одбрани неговиот пенал.

Мечот сепак заврши со триумф на Македонија, апсолутно заслужен, откако избраниците на Боби Милевски уште еднаш покажаа беспрекорна игра во одбраната што сигурно уште повеќе ќе ја зголеми довербата пред настапот на ЕП и дуелите со Шпанија, Србија и со Португалија.

Се вчитува...