РФМ донесе одлука за премии за женската и машката репрезентација

Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија донесе одлука за награда на машката и женската репрезентација по добрите настапи на последните квалификациски натпревари и на двете национални селекции.

Членовите на женската репрезентација ќе поделат вкупно 10.000 евра за успехот на претквалификацискиот турнир во Скопје, на кој „црвено-жолтите“ забележаа максимални три победи и обезбедија пласман во баражот за СП 2021. Доколку ракометарките на селекторот Симовски во баражот ја минат Романија, ќе поделат дополнителни 40 илјади евра како премија за пласманот на мундијалот.

Машката репрезентација моментно е второпласирана во групата, зад фаворитот Данска, но со обезбедена примарна цел – пласман на ЕП 2022 во Унгарија и во Словачка.

Според одлуката на УО на РФМ, доколку ракометарите се искачат на првото место ќе добијат премија од 40.000 евра. Ако до крајот на квалификациите стигнат до десет бода, за што им се потребни победи над Швајцарија дома и на гостувањето во Финска, премијата ќе изнесува 30.000 евра. Доколку „црвено-жолтите“ останат на втората позиција, а освојат помалку од десет бода, наградата за ракометарите ќе изнесува 20.000 евра.

Се вчитува...