РФМ: Сезоната продолжува на 14 октомври, Covid-тестови два дена претходно

Ракометната сезона дефинитивно ќе продолжи следната седмица, а точниот датум е 14 октомври, два дена порано од она што беше најавувано во изминатиот период. Ракометната Федерација на Македонија денеска и официјално ги извести клубовите дека за 12 и 13 октомври се закажани новите тестирања за Covid-19, по што предвидено е првото коло од продолжението да се одигра на 14 октомври.

Ова се однесува на групата А, која беше прекината по само две одиграни кола, поради масовната зараза од коронавирус во таборот на КЛ7. Досегашниот ритам петок – понеделник ќе биде заменет со среда – сабота, па така натпреварите ќе се играат и на 17 октомври, 21 октомври, 24 октомври и 28 октомври, кога се очекува да завршат натпреварите од групата А.

Што се однесува до групата Б, каде се одиграа четири кола до моментот на прекин поради масовната заразеност во редовите на Работнички, натпреварите во оваа група ќе продолжат на 22 октомври, а ќе завршат на 29 октомври.

Со ова, до крајот на месецов би бил финиширан барем еден круг од оваа групна фаза во Супер-лигата, по што ќе биде донесена одлука за вториот круг.

Се вчитува...