Ристевски: Украина е брза и агресивна, не чека ист противник како Австрија

Репрезентативецот на Македонија, Кире Ристевски беше статистички најдобар дефанзивец во квалификациите, но одлука на селекторот беше да го остави на клупата во поразот од Австрија (1-3). Еден ден по дебито на ЕП 2020 за Македонија, Ристевски даде своја анализа за натпреварот.

Ристевски изјави дека е штета што Макеноија изгуби со ваква гол-разлика, но најави борба до крајот на овој турнир, па веќе со мислите се кон селекцијата на Украина.

„Беше тешко… по химната се наежив, уште тогаш имаше емоции кај мене. Но, за жал, селекторот одлучи да останам на клупата. Натпреварот го гледав доста добро, соиграчите играа одлично. Јас бев спремен да одговорам на предизвикот. Штета што изгубивме, бевме доста добри, се надевам дека на следниот натпревар ќе ја подобриме нашата игра. Околу натпреварот со Украина, можам да ветам дека ќе дадеме 100% од можностите за да ги израдуваме сите, посебно нашите навивачи кои допатуваа тука во Букурешт и дадоа големи напори да бидат со нас. Мислам дека и со Украина ќе имаме сличен меч како со Австрија, се работи за агресивна екипа која ќе сака да наметне темпо. Следуваат анализи за овој натпревар, ќе видиме со селекторот околу насоките. Мора да бидеме спремни за борба и агресивност“, изјави Ристевски.

За потсетување, Украина во првото коло исто така доживеа пораз, од фаворитот Холандија, но во највозбудливиот меч на ЕП 2020 досега со пет гола (3-2). Дуелот меѓу Македонија и Украина е закажан за четврток со почеток од 15:00 часот.

Се вчитува...