Ристовски го налути тренерот Кек, го пропушта дербито со Хајдук

Стефан Ристовски повторно беше еден од најдобрите поединци во таборот на Ријека при триумфот над Локомотива Загреб, но македонскиот ас го разочара својот тренер Матјаж Кек откако влезе во конфликт со гостинските фудбалери веднаш по водечкиот гол на Локомотива. Хрватските медиуми оценија дека Македонецот за тој потег заслужил директен црвен картон, судијата му даде само жолт, а тренерот Кек не го криеше разочарувањето од наивноста на десниот бек.

Лут сум на Ристовски, исто како и на Вешовиќ. Не смееме да дозволиме емоциите да не понесат, да наседнеме на провокации од противнички играч или нешто друго. Нивните жолти картони се вистинска глупост и сигурно ќе дискутираме на таа тема, јас такви работи никогаш не сум сакал. Знам дека притисокот расте, но досега добро реагиравме, не треба да тргнеме во друг правец“ – изјави Кек по натпреварот, со кој Ријека ја задржа предноста од шест бода во однос на Динамо Загреб.

Проблем за Кек е што со последниот жолт картон Ристовски заработи автоматска суспензија, па македонскиот репрезентативец сега ќе го пропушти дербито со Хајдук во Сплит, меч каде неговата помош апсолутно ќе беше од големо значење.

Се вчитува...