Ристовски: Големо благодарам на Гоче за се… Се надевам на нов и убав почеток

Македонија утре ќе ја пречека Ерменија во 4. коло од квалификациите за Светското првенство 2022 година во Катар. Новиот капитен на репрезентацијата Стефан Ристовски, вели дека е голема чест да се наследи капитентската лента од најголемиот фудбалер во историјата на Македонија.

„Уште еднаш јавно сакам да му се заблагодарам на капитенот Горан Пандев кој има многу дадено за оваа репрезентација и треба да биде пример како да го продолжиме репрезентативниот пат. Се надевам дека Горан ќе го испратиме како капитен на оваа нација. Голема чест ми е што сум капитен на оваа генерација и голема благодарност до селекторот кој ми даде доверба да бидам предводник. Би ме радувало уште повеќе сите ние да бидеме пример како се носи репрезентативниот дрес и како на теренот и така надвор од него ќе бидеме пример и ќе дадеме максимум за својата држава“, вели Ристовски. 

Околу противникот и утрешниот натпревар Ристовски дополнува дека немале многу време да се запознаат бидејќи има доста промени во тимот, но се надева на позитивен резултат и убав почеток на новата ера.

„Во фудбалот дојде време во кое нема многу за размислување. Немаме многу време да се запознаеме. Имаме доста промени, но доволно сме професионалци да продолжиме таму кај што застанавме. Се надевам на позитивен резултат и нов и убав почеток како што доликува“, заврши Ристовски. 

Натпреварот меѓу Македонија и Ерменија кој ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје е закажан за во 20:45 часот.

Се вчитува...