Ристовски и Динамо Загреб декласирани во Прага: „Модрите“ и со нов тренер и без Лига Европа

Динамо Загреб и Стефан Ристовски останаа и без групите од Лигата на Европа сезонава откако доживеаја вистински дебакл на гостувањето против Спарта во Прага каде загубија со 4-1 на реваншот од плејофот за место во групната фаза.

Хрватскиот шампион имаше предност од 3-1 по победата на „Максимир“ но вечерва беа декласирани од Спарта Прага која славеше сосема заслужена победа.

Домашните со головите на Хараслин и Соренсен по само 25 минути игра имаа предност од 2-0. Во вториот дел Панак во 67. минута донесе и 3-0 за Спарта, а Батурина во 71. минута ги врати надежите за „модрите“.

Сепак, одбраната на Динамо „пукна“ уште еднаш во 87. минута кога Олатунџи постигна одличен погодок за триумф од 4-1 и место во групите од Лигата на Европа.

Раководството на Динамо Загреб, по елиминацијата од АЕК во квалификациите за Лигата на шампионите, незадоволно го разреши тренерот Бишчан. Сега, хрватскиот шампион и со новиот тренер Сергеј Јакировиќ доживеа срамен пораз уште еднаш не исполнувајќи ги амбициите зацртани со стартот на европските настапи. Па на крај Динамо Загреб ќе мора да се задоволи со „утешната“ Конференциска лига.

Се вчитува...