Ривалството Федерер – Надал продолжува… онаму каде што почна

Роџер Федерер и Рафаел Надал вечерва ќе ги одмерат силите во големото финале од Мастерс-турнирот во Мајами, градот каде швајцарската и шпанската тениска легенда го одиграа својот прв меѓусебен дуел. Имено, пред 13 години младиот Надал (тогаш имаше 17 години) во рамките од третото коло во Мајами го изненади првиот носител Федерер, совладувајќи го со 6-3, 6-3, како најава за почеток на едно неверојатно ривалство. Една година подоцна, исто така во Мајами, Федерер и Надал го одиграа и своето прво финале, кога Швајцарецот се врати од негатива од 0-2 и славеше со 3-2 во сетови.

Севкупно гледано, вечерашниот меч (19 часот) ќе биде вкупно 37. дуел на двајцата големи асови, при што Надал има убедлива предност од 23-13. Шпанецот е доминантен и кога станува збор за финалињата против Федерер, на досегашните 22 меча за титула Шпанецот славел на 14, наспроти осум на швајцарскиот тенисер.

Сепак, Федерер во последно време го најде лекот за големиот ривал, па Швајцарецот славеше на последните три пресметки против Надал, во битката за трофејот на Австралија опен, како и на последниот дуел, во четвртфиналето од Индијан велс.

Едно е сигурно, без оглед на конечниот исход на финалето, двајцата тенисери од понеделник ќе се вратат во Топ 5 на АТП-листата, победникот ќе се искачи на четвртата позиција, додека поразениот ќе се најде на петтото место на најновиот ранкинг на најдобрите светски тенисери.

Се вчитува...