Од РК Алкалоид преку официјално соопштение информираат дека ќе бидат вратени парите на сите навивачи за купените билети за синоќешниот финален натпревар во ЕХФ Европскиот куп против грчки АЕК кој не се одигра поради откажувањето на тимот од Атина.
Алкалоид уште еднаш силно се заблагодари на сите присутни во СЦ „Борис Трајковски“ информирајќи дека сите средства ќе бидат вратени на сметките на купувачите во рок од 15 дена, а билетите што се купени на продажно место ќе можат да бидат рефундирани од местото на купување со приложување на соодветната фискална сметка и на билетот.
„Почитувана публико, уште еднаш ја изразуваме нашата БЛАГОДАРНОСТ што ни дадовте безрезервна поддршка и што во голем број дојдовте во СЦ „Борис Трајковски“ на финалниот меч од Европскиот Куп на ЕХФ. Жалиме што натпреварот не се одигра затоа што гостинскиот состав не сакаше да излезе на теренот и спортски да се бори за пехарот од ова натпреварување. Вашите билети купени онлајн ќе бидат рефундирани во период од 15 работни дена. Средствата ќе ги добиете директно на вашата сметка преку која сте ги купиле билетите. Билетите што се купени од продажно место ќе можат да бидат рефундирани од местото на купување со приложување на соодветната фискална сметка и на билетот. Уште еднаш ви се заблагодаруваме за континуираната поддршка и трпение. Се надеваме дека заедно ќе славиме нови успеси во иднина“ – се вели во соопштението од РК Алкалоид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА