Долгогодишниот македонски суперлига, РК Пролет денеска официјално ја информираше јавноста дека се повлекува од учество во македонската Суперлига во следната сезона.
Причина за оваа одлука на скопскиот клуб е завршувањето на договорот со долгогодишниот генерален спонзор на клубот.
СООПШТЕНИЕТО ОД РК ПРОЛЕТ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Ракометниот клуб Пролет 62 ја известува јавноста дека, поради завршувањето на договорот со нашиот долгогодишен и ценет генерален спонзор, донесовме тешка, но одговорна одлука да се повлечеме од натпреварувањето во Супер лигата за претстојната сезона.
Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на внимателна анализа и единствено со цел да се зачува стабилноста и иднината на клубот. Веруваме дека во овој момент најодговорен чекор е да не преземаме финансиски обврски кои не би можеле целосно и навремено да ги исполниме.
РК Пролет 62 останува посветен на својата мисија – развојот на младите ракометари и продолжување на традицијата која клубот ја гради веќе 64 години. Клубот ќе продолжи да се натпреварува во Првата лига, а во наредниот период наш главен приоритет ќе биде пронаоѓање нов генерален спонзор кој ќе овозможи повторно враќање во Супер лигата и продолжување на успесите што заедно ги создававме.
Воедно, упатуваме искрена и огромна благодарност до нашиот досегашен генерален спонзор за долгогодишната доверба, поддршка и несебична посветеност, благодарение на која РК Пролет 62 со години успешно се натпреваруваше и остана дел од највисокото ниво на македонскиот ракомет. Неговиот придонес во одржувањето и развојот на клубот ќе остане трајно запишан во историјата на РК Пролет 62.
Исто така, им благодариме на сите наши навивачи, пријатели, играчи, тренери, родители, соработници и на сите кои во изминатите 64 години беа и остануваат дел од семејството на РК Пролет 62.
Уверени сме дека ова е само еден тежок период кој, со заедничка поддршка и нов партнер, ќе го надминеме и повторно ќе го вратиме Пролет таму каде што припаѓа.
РК Пролет 62
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
