РК Пролет со стабилен курс и реални амбиции во пресрет на новата сезона

Четвртопласираната екипа во ланското суперлигашко првенство, РК Пролет, ја заврши првата фаза од подготовките во Маврово и продолжува во Скопје каде ќе финализираат со одигрување на неколку контролни натпревари. Tимот ќе биде комплетиран со доаѓањето на Михаил Аларов и Иван Џонов, кои деновиве отсуствуваа од подготовките. Тренерот Никола Матлиески по ангажманот што го имаше летово со младинската и со кадетската репрезентација на Македонија, сега е фокусиран исклучиво на клупските обврски и истакнува дека е задоволен од она што е сработено досега во овој подготвителен период.

Ја завршивме првата фаза од подготовките во Маврово и сега продолжуваме со тренинзи во Скопје. Задоволен сум од она што е досега сработено и од залагањето на играчите. Во Маврово работевме паралелно на физичката и на техничко-тактичката подготовка, со посебен акцент на физичкиот дел. Имаме уште три недели до почетокот на првенството и  глазурата ќе биде во овој завршен дел од подготовките во Скопје, во кои планирано е да одиграме неколку контролни натпревари. Два натпревари со Вардар јуниор се договорени, а има можност во сабота да одиграме и еден натпревар со младинската репрезентација на Саудиска Арабија која е овде на подготовки. Чекаме потврда и за настапот на турнирот во Прилеп“ – реферира тренерот Никола Матлиески.

Екипата која со години наназад е позната по својата стабилност и константност, го задржува тој курс и во иднина. Тренерот Матлиески на располагање ќе го има безмалку, истиот состав со која лани изброи пласман во плеј-офот и го освои четвртото место што им обезбедува настап во ЕХФ Купот.

„Играчите максимално се залагаат, добро работиме и мислам дека сме на добар пат. Го задржавме истиот состав од лани со минимални измени. Планираме да приклучиме уште 2-3 играчи од младинскиот состав во тренажниот процес со првиот тим. Од нив ќе зависи како ќе се покажат. Важно е што го задржавме континуитетот во работата. Играчите се навикнаа на мојот начин на работа, јас на нив“ – истакнува Матлиески.

Во минатата сезона, Пролет им ги замрси сметките на некои од фаворитите со повисок рејтинг и со многу поголем буџет и заврши меѓу четирите најдобри во македонската Супер лига. Со исти цели и амбиции, скопскиот тим ќе стартува и во претстојната сезона.

 „Мислам дека сезонава ќе бидеме за нијанса подобри од лани иако конкуренцијата во Супер лигата ќе биде уште посилна. Нашите цели и планови остануваат исти, да избориме пласман во плеј-офот. Сега сме концентрирани на подготовките за почетокот на домашното првенство, но паралелно со тоа ги следам и подготовките и настапите на нашиот противник во ЕХФ Купот, Баник Карвина. Одиме постапно според планот, имаме доволно време добро да се подготвиме“ – вели Матлиески.

На стартот од новата сезона во македонската Супер лига, РК Пролет на 16 септември во Скопје го пречекува тимот на Охрид. Еден месец потоа им претстои настапот на европска сцена и двата натпревари со чешкиот претставник Баник Карвина во 2.коло од ЕХФ Купот. Според договорот меѓу двете екипи, и двата натпревари ќе се одиграат на теренот на противникот во Карвина на 13 и на 14 октомври.

Се вчитува...