Романска Стеауа ќе биде десеттиот тим во СЕХА лигата?

Романија се приклучува во регионалната СЕХА лига, а прв нејзин претставник во ова натпреварување најверојатно ќе биде Стеауа.

Ракометната федерација на Романија даде зелено светло за учество на Стеауа во регионалната СЕХА лига и романскиот тим најверојатно ќе биде десеттиот тим со кој се комплетира списокот на учесниците во Лигата за претстојната сезона.

По откажувањето на двете словенечки екипи Целје и Горење и одлуката на Веспрем да не се враќа во регионалното натпреварување, од СЕХА упатија покана до Стеауа.

Од тимот кој го предводи легендарниот романски ракометар Василе Стинга, ја прифатија поканата, но последниот збор го имаше Романската ракометна федерација.

Со настапот во СЕХА лигата, Стеауа во следната сезона ќе има 18 натпревари повеќе од другите романски екипи, или вкупно околу 60 натпревари, бидејќи паралелно со настапот во регионалното натпреварување, тимот ќе настапува и во регуларниот дел од сезоната во романското првенство и во Купот на Романија.

Потврдено учество во новата сезона во СЕХА лигата имаат: Вардар, ППД Загреб, Мешков Брест, Татран Прешов, Металург, Нексе, Железничар, Војводина и Извиѓач.

Се вчитува...