Романскиот дебитант лесен плен за вардарци

Немаше дилема каков ќе биде исходот на дуелот меѓу актуелниот шампион и дебитантот во регионалната СЕХА лига. Вардар на домашен терен без поголеми проблеми славеше против романска Стеауа со 27-21 и ја запиша четвртата победа по ред во новата СЕХА сезона. За македонскиот шампион ова е јубилејна  30.победа во серија во региналното натпреварување.

Романците успеваа да држат чекор во играта само во првата четвртина кога беа на гол разлика (8-7). Вардарци потоа ги презедоа работите во свои раце. Сташ Скубе ја отвори серијата од 3-0 по која „црвено-црните“ се одлепија на 11-7 и остнаа на оваа дистанца до крајот на првиот дел (15-11).

Во ист ритам Вардар го отвори и второто полувреме и веќе по првите пет минути ја зголеми предност на +6 поведувајќи со 18-12 со погодокот на Јања Војводиќ. Мирно, без преголем напор, вардарци го одиграа остатокот од натреварот и рутински ја одржуваа предноста до крај.

Дмитри Кисељев со пет од пет беше прв стрелец во Вардар,  Дејан Милосављев го заврши натпреварот со 11 одбрани. Во своето деби во дресот на Вардар, Грегор Оцвирк постигна два погодоци. Кај Стеауа најефикаен беше Марин Вегар со шест гола, а Тудор Станеску запиша 10 одбрани.

Следниот натпревар во СЕХА лигата, Вардар го игра на 2 октомври кога во Скопје ќе гостува тимот на Војводина, а во меѓувреме вардарци ќе одиграат два натпревари во ЛШ,  со Кристијанштад дома и со Веспрем во гости.

Се вчитува...