Романците стравуваат: „Дијамантот“ Елмас е „ѕвер“ на теренот

На сите им е добро познато дека Горан Пандев е лидер на оваа фудбалска репрезентација на Македонија, но ривалите се свесни и за квалитетите на новата генерација македонски фудбалери, кои предводени од „Гранде Пандев“ веќе остварија историски успех со пласманот на ЕВРО 2021. Македонија вечерва во Букурешт ги стартува квалификациите за СП 2022, а Романците големо внимание во најавите за натпреварот му посветуваат на Елиф Елмас.

Суперталентираниот фудбалер на Наполи е играч околу кого се вртат многу работи во играта на македонскиот национален тим, а прекарот „дијамант“ му е апсолутно заслужен, пишуваат романските медиуми.

„Извонреден техничар, но и фантастичен каркатер. Тој има неверојатна ориентација на теренот и чувство за постигнување на гол. Кога ќе му се укаже можност, не се плаши да шутне и да погоди. Има неверојатно прецизно долго додавање, секогаш игра со главата горе, да го следи движењето на соиграчите, згора на тоа одлично се снаоѓа на неколку различни позиции“, се пренесува изјавата на Горан Пандев за „дијамантот Елиф“.

Романците потсетуваат дека Елмас од најмали нозе го привлекувал вниманието, па така на 11-годишна возраст за него се интересирал Еспањол, па дури и големата Барселона. Тој сепак останал во Скопје, а преку младинскиот тим на Работнички добил шанса од сегашниот селектор Игор Ангеловски во стартниот тим на „романтичарите“. Следеше мега-трансфер во Фенебахче, а веднаш потоа и преселба во Наполи, тим за кој Елиф Елмас со успех настапува и оваа сезона.

Иако не е редовен стартер, Елмас на сите натпревари го покажува својот потенцијал секогаш кога ќе добие шанса од тренерот Гатузо.

„Елиф Елмас можеби се уште е дете, но исто така е и ѕвер на теренот“, го опишува „Газета дело спорт“ македонскиот ас од кого романците сериозно стравуваат во пресрет на денешниот дуел во Букурешт.

Се вчитува...