Фудбалскиот свет доби сцена која до неодамна изгледаше незамисливо. Легендарниот Роналдињо пристигна во Италија, каде што ќе биде претставен како нов член на Равена и ќе се врати во професионалниот фудбал на 46-годишна возраст.
Бразилецот слета во Италија 11 години по неговиот последен професионален настап. Роналдињо последен пат играше за Флуминензе во 2015 година, а сега повторно ќе биде регистриран како фудбалер, овојпат во италијанската Серија Ц.
Неговата авантура во Равена, сепак, нема да биде класичен фудбалски ангажман. Роналдињо ќе стане и акционер во клубот, а договорот предвидува да одигра најмалку еден официјален натпревар.
Токму тоа е и неговата голема цел – да постигне уште еден гол во професионалната кариера. Од Равена потврдуваат дека неговото враќање не е замислено само како маркетиншки потег, туку како дел од поширок проект за развој на клубот и негово враќање во центарот на вниманието.
„Дино“ во Равена ќе ја носи легендарната „десетка“, а неговото појавување пред навивачите е организирано како голем спектакл. На официјалната презентација се очекуваат околу 6.000 фанови.
Датумот на неговиот официјален настап сè уште не е потврден. Сепак, неговото пристигнување во Италија веќе предизвика огромно внимание, а Равена преку целиот проект сака да создаде нова приказна околу клубот и да привлече дополнителни инвестиции и интерес од јавноста.
Така, еден од најатрактивните фудбалери на својата генерација повторно ќе го облече дресот на професионален клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
