Кристијано Роналдо и во следната сезона ќе го носи дресот на Јувентус, откако му ветил на претседателот Андреа Ањели дека нема да ги промени клупските бои во текот на летово. Весникот „Тутоспорт“, кој важи за најупатен за случувањата во таборот на „старата дама“, објави дека со овој разговор дефинитивно се става крај на сите дилеми околу иднината на Португалецот во најтрофејниот италијански клуб.
Во последните десетина дена повторно се актуелизираа конфликтите што најдобриот фудбалер на Јуве ги имаше со тренерот Сари. Не е тајна дека Роналдо е разочаран од тактиката на „старата дама“, со која напаѓачите не добиваат премногу употребливи топки пред противничкиот гол. Неизвесно е дали Сари ќе остане на чело на тимот и во наредната сезона, тоа ќе зависи пред се од игрите и резултатите до крајот на сезонава, но Роналдо му дал ветување на Ањели дека тој ќе остане уште најмалку една година во Јуве. Неговиот договор со „старата дама“ истекува за две години, но не се исклучува можноста во 2021 година да му биде дозволено да си замине и да се пресели во МЛС-лигата.
Португалецот пристигна за сума од 100 милиони евра од Реал Мадрид, веќе освои едно скудето, а на пат е да ја освои и втората шампионска титула во Калчо-лигата. Роналдо сезонава има постигнато 32 гола во сите натпреварувања, со што очекувано е најдобар стрелец во таборот на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА