Роналдо почна со терапија, ќе биде подготвен за мечот со Ајакс

Кристијано Роналдо почна со терапија за санирање на повредата на ногата кој одредено време ќе го оддалечи од терените. Како што пренесуваат италијанските медиуми, ѕвездата на Јувентус сигурно ќе ги пропушти следните два натпревара на „старата дама“ во домашното првенство.

Португалецот повредата ја заработи на натпреварот против Србија во квалификациите за Европското првенство 2020 година, кога по триесет минути мораше да го напушти теренот. Еден од најдобрите фудбалери на светот по мечот замина за Барселона на консултации со доктори, а како што пренесуваат медиумите, вчера почнал со терапија. Проблемот на Роналдо се уште не е потполно познат, па неговиот статус за претстојните натпревари е неизвесен.

Португалецот на детални анализи ќе замине на почетокот на следната седмица. Тоа практично значи дека ќе ги пропушти натпреварите против Емполи во сабота и против Каљари во вторник. Неизвесен ќе биде и за мечот против Милан, а во клубот се надеваат дека ќе биде подготвен за првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Ајакс.

Се вчитува...