Роналдо со два пенали го спаси Јувентус од пораз

Јувентус со многу среќа остана непоразен на дуелот против Аталанта, на кој гостите од Бергамо двапати водеа, но „старата дама“ се спаси од пораз (2-2) благодарение на двата пенали што ги реализираше Кристијано Роналдо. „Црно-белите“ одиграа крајно слаб натпревар, а фудбалерите на Аталанта имаат за што да жалат, до самиот крај имаа водство, а двата пенали ги направија со почетничко играње со рака во сопствениот шеснаесетник.

Првото полувреме мина во апсолутна доминација на гостите од Бергамо. Избраниците на Гасперини заслужено поведоа со голот на Запата, а згора на на тоа имаа и уште неколку убави шанси што не успеаја да ги претворат во втор погодок. Јуве се разбуди во вториот дел, стигнувајќи до израмнување од пенал, откако еден од противничките дефанзивци играше со рака во сопствениот шеснаесетник по центаршутот на Дибала.

Роналдо беше сигурен од белата точка, но гостите не се предадоа ниту пак се повлекоа, повторно наметнаа темпо и заслужено постигнаа и втор гол, овојпат со „бомбата“ на Малиновски од работ на шеснаесетникот. И кога се чинеше дека бодовите ќе заминат за Бергамо – нов пенал за Јувентус во 88. минута, овојпат со рака играше Муриел, а Роналдо не ја пропушти можноста да спаси бод за Јувентус, за значаен чекор напред кон скудетото.

Јувентус со овој триумф сега има осум бода предност во однос на Лацио и девет пред Аталанта, на шест кола до крајот на Калчо-лигата.

Се вчитува...