Роналдо во ПСЖ за 50 милиони евра – (не)возможна мисија за „светците“

Кристијано Роналдо секогаш е актуелен за најголемите европски клубови, па француските медиуми повторно се појавија со информација дека ПСЖ е подготвен да го доведе португалскиот ас во своите редови, во трансфер вреден 50 милиони евра. Огромни се шансите дека Килијан Мбапе следното лето ќе го напушти ПСЖ (францускиот првак ќе мора да го продаде големиот ас за да не ризикува негово заминување како слободен играч), а претседателот Ал Келаифи планира да го доведе Роналдо како идеален партнер во нападот за Нејмар.

Французите сонуваат, но интересно делува податокот дека италијанските медиуми, поточно весникот „Тутоспорт“ кој важи за најблизок до Јувентус не ја отфрла можноста за змаинување на Роналдо од овој клуб на крајот од сезоната. Кристијано има договор со „старата дама“ до јуни 2022 година, па следното лето е последна можност Јуве да заработи од негова продажба, и тоа дури 50% од вложената сума во Португалецот при неговиот трансфер од Реал Мадрид.

Коронавирусот предизвика огромна финансиска загуба кај најголемите европски клубови, па токму тоа може да има сериозно влијание кај управата на Јуве, која се посериозно размислува за продажба на фудбалерот кој воедно е и убедливо најплатен во Италија (30 милиони евра по сезона).

Затоа, овој трансфер што до неодамна делуваше како „невозможна мисија“ сега станува се поголема реалност.

Се вчитува...