Рубио: Не сме најголеми ниту најталентирани, но кога се верува се е можно

Рики Рубио не ја криеше гордоста откако ја предводеше Шпанија до светската кошаркарска круна. Одличниот плејмејкер беше избран за МВП на шампионатот, а по завршувањето на финалната церемонија не ја криеше гордоста по огромниот успех.

„Не сме најголемиот тим, ниту сме најталентирани. Затоа игравме со срце, верувавме во себе, а кога се верува се е можно. Ќе бидеме семејство до крајот на нашите животи, ќе се сеќаваме на овој заеднички успех“ – изјави Рубио.

Тој ги собра индивидуалните признанија, но во изјавите заслугите ги подели со сите репрезентативни колеги.

„Сите си имаме своја приказна.. Видете го Љуљ, пред две години имаше страшна повреда и се мачеше да се врати во ритам, а сега стигна до титулата. Виктор Клавер, ја заврши нечистата работа во одбраната, тој даде толку многу за оваа репрезентација, детали што многумина не ги забележуваат. Марк Гасол продолжува да испишува историја, а со мојот цимер Руди Фернандез имаме долга историја… Сето ова е просто неверојатно“ – задоволно коментираше Рики Рубио.

Се вчитува...