Руни: Губевме од Барса поради тактиката на Фергусон

Вејн Руни има во својата колекција на трофеи една титула во Лигата на Шампионите, а легендарниот голгетер не крие дека жали што не стигна барем до втор медал, по двете загубени финалиња од Барселона во 2009 и во 2011 година. Интересно е што Руни за главен виновник за тие порази на „црвените ѓаволи“ го смета Сер Алекс Фергусон, творецот на шампионската династија на Јунајтед.

„Ние ги загубивме двете финалиња од Барса поради тактиката на Фергусон. Тој сакаше да се надигруваме со Барса, ни рече дека ние сме Манчестер и дека мораме да напаѓаме, дека тоа е дел од културата на нашиот клуб. Се сеќавам дека во тој момент прво што ми падна на памет беше: Не сум толку сигурен. Знам дека и другите го помислија тоа бидејќи ни беше јасно дека Барса e доминантен тим. Требаше да го имаме истиот пристап што ни го донесе успехот во 2008 година – цврста игра и борбеност. Наместо тоа, ние се отворивме и бевме надиграни“, истакна Руни.

Јавна тајна е дека голгетерот го смета токму Фергусон за главен виновник за својот пад на формата и заминувањето од „Олд Трафорд“, во неколку досегашни интервјуа тој повторуваше дека Ван Гал е најдобриот тренер со кого има работено, но ваквиот отворен атак кон трофејниот стратег сепак е нешто неочекувано од долгогодишниот англиски репрезентативец.

Се вчитува...