Русите се пресилни, но Македонија понуди неизвесност против европскиот првак

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

МАКЕДОНИЈА – РУСИЈА 0-3 (15-25, 16-25, 28-30)

Европскиот првак Русија очекувано беше преголем залак за македонските одбојкари кои го забележаа и третиот пораз на Европското првенство. „Зборнаја“ славеше со максимални 3-0 во сетови, а триумфот воопшто не беше доведен во прашање иако третиот сет понуди голема неизвесност. Разликата во квалитетот, сепак, е очигледна.

Селекторот Никола Матијашевиќ на дуелот со големиот фаворит им даде шанса за настап на сите одбојкари, освен на Ѓорѓи Ѓоргиев кој се жали на повреда на стомачниот ѕид, и на искусниот Александар Милков.

Русија ја покажа класата уште на самиот почеток, се одлепи во првиот сет, а македонските одбојкари успеаја да освојат 15 поени. Во вториот сет сличен однос на силите на теренот, Русија на крајот им дозволи 16 поени на македонските одбојкари.

Најголема неизвесност понуди третиот сет. Македонија со поенот на капитенот Никола Ѓоргиев успеа да израмни на 13-13 во средината на овој сегмент, а потоа и поведе со 17-15. Драмата продолжи со израмнување 24-24 што го добивме со „челенџ“, а потоа со блокот на Ристо Николов и до водство. Но, Русите сепак успеаја да го освојат со 30-28.

Се вчитува...