Саити: Ќе дадеме се од себе денеска да дојдеме до првиот бод сезонава

Башкими сè уште е без освоен бод во новата сезона од Првата лига, откако претрпе два тешки пораза во првите две кола. Со дури 11 примени гола и ниту еден постигнат, клубот од Куманово имаше лош старт, но во екипата веруваат дека со промената на стручниот штаб и доаѓањето на новиот шеф, Шабан Сулејмани, работите ќе тргнат во позитивна насока.

Следен ривал на кумановци е екипата на Арсими, денеска од 16:30 часот, која исто така е без бодови по воведните кола, со гол – разлика од 9 примени и еден постигнат гол. Пред овој дуел, фудбалерот Хебиб Саити истакна дека очекува подобри денови за својот тим во продолжение од шампионатот.

„Натпреварите против Арсими секогаш имаат братска атмосфера, но на теренот двата тима го даваат максимумот. Ќе направиме сè за да ги освоиме сите три бода, или во најмала рака да се вратиме од Гостивар барем со еден бод“, изјави Саити.

Инаку, овие две екипи досега имаат одиграно вкупно 11 меѓусебни дуели, во кои домашниот состав на Арсими славел на 5 натпревари, Башкими има запишано 3 победи, додека 3 средби завршиле без победник.

Натпреварот меѓу Арсими и Башкими ќе се одигра денеска (14 август) на стадионот во Гостивар со почеток во 16:30 часот.

Се вчитува...