„Сакаме да ја израдуваме нацијата со злато“

Женската кадетска репрезентација на Македонија денеска во 14 часот ќе излезе во СЦ „Јане Сандански“ на мегдан со Хрватска, во големото финале од Светското училишно првенство во ракомет.

Самиот пласман во финалето е огромен успех, но сите во таборот на „црвено-жолтите“ се решени да остават срце на терен за да се закитат со посакуваниот златен медал.

Даниела Новеска Вељаноска, која го извлече максимумот од оваа генерација со одлични игри на шампионатот, е задоволна од формата и мотивацијата во пресрет на големото финале.

„Среќни сме што ќе играме финале и тоа на домашен терен. Нам одамна ни беше потребен еден ваков модул на натпреварување како што е ова Светско училишно првенство за ракомет. Девојките се мотивирани, очекуваме успех, затоа и сме дојдени тука. Како што кажав и претходно овие натпревари се добредојдени за оваа репрезентација. На полуфиналниот дуел со Турција успеавме да останаме стабилни, од минути во минута ја подигнавме формата, во второ полувреме беше прашање само крајниот резултат. Денешниот против Хрватска исто ќе биде драматичен, во изминатите денови не ги искористија сите расположливи сили, во својот состав имаат квалитетни репрезентативки. Наше е да се бориме, се надеваме дека уште еднаш ќе ја израдуваме нацијата“, истакна Новеска – Вељаноска.

Влезот во салата „Јане Сандански“ е слободен.

Се вчитува...