Салах: Не сум роден голгетер, но ако работите напорно резултатите сами ќе дојдат

Мохамед Салах четири сезони „пустоши“ во Премиерлигата. На 192 одиграни натпревари за „црвените“ веќе постигна 119 голови, а во дебитантската сезона на „Енфилд“ го обори и рекордот во Англија со 32 постигнати погодоци, со што зад себе ги остави Кристијано Роналдо, Ален Ширер, Луис Суарез и многу други великани.

Но, Египјанецот кој денеска важи за еден од најдобрите голгетери во светот, го немаше „убиствениот ефект“ во текот на целата кариера. Како што вели самиот Салах, најзаслужен за придобивање и на овој атрибут во неговата игра е Лучиано Спалети, тренер кој го предводеше „фараонот“ во Рома.

„Морав да работам на завршницата бидејќи не сум роден голгетер. Не постигнував премногу голови во Базел, а потоа ни во Челси и Фиорентина. Во Рома работев заедно со господинот Спалети и речиси секој ден, по тренингот, останувавме заедно на теренот со цел да работиме на тоа. Дури и во дворот пред мојата куќа направив полигон на кој ја вежбав завршницата. Доколку работите напорно, резултатите сами ќе дојдат“, изјави Салах.

Се вчитува...