Салата во Виена е преголема, има билети во слободна продажба

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Македонските навивачи кои пристигнуваат во Виена без билет не треба да се премногу загрижени, бидејќи без никакви проблеми можат да стигнат до влезница за натпреварите на „црвено-жолтите“.

Иако се шпекулираше дека салата „Штадхале“ е распродадена поради фактот дека во неа ќе игра и домаќинот Австрија, од лице место се уверивме дека билети има во слободна продажба.

„Па салата е преголема за да се наполни до последното место. Билети има и не очекуваме да бидат распродадени, барем не во првата фаза“ – коментираат одговорните лица во „Штадхале“, арена со капацитет да прими 16.000 фанови.

Се очекува Македонија да има поддршка од околу 2.000 фанови, дел од нив ќе допатуваат од разни делови на нашата држава, а дел ќе пристигнат во Виена од разни делови на Австрија, Швајцарија, Германија и останатите околни земји.

„Поголемо друштво сме дојдени, дел немаат билети, но ни беше кажано да не се грижиме бидејќи секако ќе има и во текот на утрешниот ден“ – истакна еден македонски навивач, пред билетарата во „Штадхале“.

Се вчитува...