Салцбург со многу проблеми пред мечот со Шкендија

Австрискиот првак Салцбург се соочува со огромни проблеми во пресрет на првиот натпревар од третото квалификациско коло за ЛШ против Шкендија. Македонскиот првак попладнево отпатува за Австрија, тренерот Османи нема премногу дилеми околу составот за разлика од неговиот колега на спротивната страна, Марко Росе.

Голманот Александер Валке има скинат мускул во пределот на колкот и речиси невозможно е тој да биде оспособен за настап на првиот натпревар, што е на програмата в среда. Проблематична е и позицијата десен бек, откако стандардниот Штефан Лајнер поради грип се уште не почнал со тренинзи, откако не настапи ниту на последниот лигашки дуел со Матерсбург. Повреден е и вториот десен бек Патрик Фаркаш, па шанса најверојатно ќе добие Енок Мвопу од младинскиот тим.

Дефинитивно дуелот против Шкендија ќе го пропуштат Лудевик и Гулбрандсен, како и одличниот Амаду Хаидара, кој е суспендиран поради црвениот картон заработен во полуфиналето од Лигата на Европа против Олимпик Марсеј.

Јасно е, Салцбург и со сите овие проблеми останува голем фаворит, но тетовци сигурно ќе се обидат да ги искористат слабостите на противникот, во обид да испишат нови страници во својата клупска историја.

Се вчитува...