Самарџиев: Изолацијата на играчите го стори своето, немавме сили да му парираме на МЗТ Скопје

Големите проблеми што Еуро Никел ги имаше со коронавирусот на дел од играчите се главен фактор за слабата игра и убедливиот пораз на дербито со МЗТ Скопје, вели стратегот на актуелниот вицешампион, Горан Самарџиев.

Според младиот стручњак, неговите кошаркари се обиделе да се борат, но немале сили да го издржат интензитетот на денешниот дерби дуел.

„Пред се сакам да му честитам на МЗТ Скопје на подобрата игра и заслужената победа. Коронавирусот и изолацијата во која играчите се наоѓаа до пред два дена го стори своето, се обидовме да му парираме на МЗТ, но немавме сили за такво нешто. Шестмина играчи по десет дена беа надвор од тренажен процес, а денеска по само неколку минути игра веднаш бараа да бидат заменети. Кога нема да може да се одигра стопроцентно против МЗТ Скопје, кога ќе дозволите противникот така да издоминира во рекетот (45-28 во скокови), кога ќе погодите само 50% од слободните фрлања, не можете да се надевате на успех против ваков ривал. Можеби овој натпревар и не требаше да се игра денеска со оглед на прекраткото време што го имавме за рехабилитација по коронавирусот, но што е тука е, сега сме во незавидна ситуација и мораме да бркаме победи на сите средби до крајот за да се избориме за што подобар пласман“, истакна Самарџиев.

Се вчитува...