Само Грци што бегаат од терен се константа, но меѓу Скопје и Белград има една суштинска разлика!

Срамното однесување на грчката експедиција во Скопје и одбивањето да се излезе на терен и спортски да се одигра мечот меѓу Алкалоид и АЕК и денеска е главна вест во регионалните медиуми. Кукавичлукот на Грците сам по себе придонесе македонската спортска јавност да се потсети на нивното идентично однесување на четвртиналниот двомеч со Партизан од пред неколку месеци.

Тогаш хаосот од Атина предизвика кревање на тензии пред мечот во Белград, па грчкиот тим едвај ги дочека првите провокации за да се спакува и да си замине од теренот, одбивајќи да игра во српскиот главен град. ЕХФ тогаш долго расправаше и на крајот реши реваншот да биде одигран на неутрален терен (во Бугарија), по што Грците со многу среќа, дури по пенал-рулет го елиминираа српскиот тим.

Неиграњето во Скопје веднаш повлече и паралела со тој дуел, но експресно мора да се стави до знаење – натпреварот Алкалоид – АЕК имаше една суштинска разлика со Партизан – АЕК. Тоа е беспрекорната организација.

Македонскиот тим уште еднаш ја потврди големината како клуб, во изминатите денови пред мечот упорно се апелираше на спортско навивање, на борба на терен и фер атмосфера на трибините. Тоа и беше случај пред натпреварот, впрочем и самиот делегат со најпозитивни зборови ја оцени организацијата.

Ракометното шоу беше нарушено само од мешањето на политиката во спортот и глумата дека не се игра поради „закани од навивачите кон играчите и управата“. Затоа што, во изјавите за грчките медиуми АЕК го покажа вистинското лице.

И токму затоа, без оглед на првото трагикомично соопштение на ЕХФ дека мечот не е одигран поради „безбедносни причини“, во европската куќа на ракометот сакале или не, ќе мора да признаат дека „попустите“ што досега му ги давале на грчкиот клуб придонеле АЕК да добие на сила и да може да си дозволи да наруши еден спортски спектакл наречен европско финале. Затоа што, во секој случај, ова е удар и срам и за ЕХФ!

Казната за тоа кон Грците мора да биде жестока, ако се сака вистински да се заштити ракометот како спорт и ЕХФ како соодветна институција. А, дека Алкалоид треба да го освои пехарот (што Лазаров и играчите повеќе посакуваа да го кренат на терен, пред полна сала), тоа секако не смее воопшто да биде доведено во прашање! Се друго би било уривање на интегритетот на ракометот како спорт!

Се вчитува...