Само МЗТ е перфектен во АБА2, Борац Чачак „падна“ во Аеродром

МЗТ Скопје е единствениот тим со максимален ефект 4-0 по првите четири кола од АБА2 лигата, откако македонскиот првак во славеше во денешниот дерби дуел со Борац Чачак со резултат 76-69. Пресметката на двата квалитетни ривали мина во бројни пресврти, но на крајот пресуди искуството на „металците“, кои се вратија од „минус шест“ во последната четвртина и на крајот стигнаа до заслужена победа. Вреди да се истакне и дека македонскиот состав настапи со истенчен ростер, откако во игра воопшто не влезе репрезентативецот Марко Симоновски.

Агресивната одбрана на гостите им создаде проблеми на „металците“ на почетокот, но по неколкуте загубени топки при пренос на топката преку половината македонскиот првак конечно влезе во посакуваниот ритам. Пред крајот на полувремето МЗТ влезе во серија, па со тројката на Дамјан Стојановски „сино-белите“ стигнаа до водство од 18-11. Борац се врати на почетокот од втората четвртина, но „металците“ влегоа во шутерска серија, па со тројките на Николов, Стојановски и Магдевски поведоа со 34-24. И тогаш, наместо полувремето да се доврши во идентичен ритам, се влезе во серија грешки. Предноста експресно се стопи, а не помогнаа ниту двата тајмаути што за кратко време ги зеде Кочов, па на полувреме се замина со минимална предност на гостите од Србија од 38-39.

МЗТ Скопје ги одигра на ниво само почетните минути од второто полувреме, со поените на Хиндс поведе со 49-43, за потоа да следи огромен пад. Се правеа почетнички грешки во напаадот, а гостите од Чачак немилосрдно казнуваа. На една минута пред крајот на четвртината резултатот беше убедливи 51-61, но Крстевски (два плус еден) и Стојановски (тројка) ја спуштија разликата на подносливи четири поени разлика во пресрет на последните десет минути (57-61).

Борац поведе со 59-64, но Бојан Крстевски повторно ја презеде одговорноста, па по офанзивен скок веднаш погоди и тројка, израмнувајќи на 64-64. Ниту тајмаутот на гостинскиот тренер не го исфрли македонскиот првак од ритам, следеа нови пет поени во низа, па при резултат 69-64, стратегот на Борац беше принуден да побара нова тајмаут на помалку од пет минути до крајот. Судиите се обидоа да им помогнат на гостите досудувајќи непостоечка лична грешка во напад од Омот врз Мајсторовиќ. Сепак, Американецот на МЗТ возврати со тројка на спротивната страна, „металците“ ја вратија цврстината во одбраната, во последните три минути влегувајќи со водство од 74-67.

Гостинските кошаркари веќе не делуваа така сигурно во нападот, а „сино-белите“ знаеја како да го искористат тоа, приведувајќи го мечот до крај, со „цепелин“ на Омот за печат на четвртата победа во серија од стартот на сезоната во регионалното натпреварување.

Дамјан Стојановски одигра капитенски и со 16 поени беше прв стрелец во таборот на МЗТ, еден помалку постигна Хиндс, додека Крстевски беше одличен во борбата под обрачите, остварувајќи дабл-дабл од 11 поени и 12 скокови.

МЗТ Скопје во следното коло ќе гостува во Црна Гора на екипата на Сутјеска.

Се вчитува...