Денеска ќе се одигра еден натпревар од осмото коло во Првата Македонска фудбалска лига, шампионот Вардар ќе го пречека најпријатното изненадување досега, Шкендија Арачиново.
Натпреварот ќе се игра на комплексот на ФФМ од 20 часот.
Вардар не ја започна сезоната според очекувањата, испадна во квалификациите за пласман во европските купови, а по седум кола има учинок од три победи и по два порази и ремија. Цехот за славите резултати го плати Аргентинецот Кристијан Фабијани, а на негово место е назначен Црногорецот Миодраг Божовиќ „Гроф“.
Вардарци се во серија од четири меча без пораз, забележаа по две победи и ремија, а за вечерашниот дуел само победа е во мислите на „црвено-црните“.
„Вардар е актуелен шампион и ние секогаш размислуваме само за победа. Така е и во пресрет на вечерашниот меч против Шкендија Арачиново. Тие се во одличен ритам и нанижаа неколку победи, а тоа е уште еден мотив повеќе за нас да бидеме максимално подготвени и да пристапиме кон овој дуел со должно внимание. Подготвени сме за надигрување и ги посакуваме трите бода“, вели Михаил Маневски.
Шкендија Арачиново одлично ја започна сезоната, моментно се наоѓа на четвртото место на табелата со 13 освоени бодови, два повеќе од вечерашниот противник.
Гостите во овој натпревар влегуваат во серија од три победи во низа во шампионатот е една во Купот на Македонија, и фудбалерите најавуваат дека респектот за Вардар ќе заврши со излегување на теренот.
„Ова е меч како и секој друг и носи исти вредни три бода. Се наоѓаме во одлична форма со четири победи по ред во Првата Лига и Купот. Го почитуваме противникот сè до почетокот на натпреварот, но на теренот влегуваме без никаков респект, одиме исклучиво на победа за да ја продолжиме позитивната серија и да ги израдуваме нашите верни навивачи“, изјави капитенот на Шкендија Арачиново, Бесир Демири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
