„Самоубиство“ на Шкендија во Гостивар

Убедливата предност што Шкендија ја имаше во однос на ривалите набрзина почна да се топи откако по поразот дома од Тиквеш, тетовци попладнево кикснаа“ и на гостувањето во Гостивар против Арсими (2-2). Тренерот Положани има право да биде бесен на своите фудбалери ако се знае дека Шкендија имаше 0-2, преку Нзенгуе пропушти две шанси за 0-3, по што беше казнета за двете големи грешки и остана само со еден наместо со посакуваните три бода.

Шкендија доминираше, но за почетно водство мораше да почека на „магија“ од капитенот Бесарт Ибраими, кој со маестрален слободен удар реализираше за 0-1. Ибраими даде свој придонес и при вториот погодок, кога по неговиот центаршут и слабото истрчување на домашниот голман, Малиќи одлично се снајде и со глава ја смести топката во мрежата.

На полувреме сепак се замина со 1-2 откако Арсими во судиското продолжение ја преполови негативата со голот на Контрерас по слабата интервенција и одбиената топка на голманот Рамани.

Тетовци беа подобар противник и во голем дел од второто полувреме, не искористија неколку шанси, а потоа, нова огромна грешка, ја загубија топката во сопствениот шеснаесетник по што Контрерас со бавен, но прецизен удар повторно го матираше Рамани.

На вториот меч што е попладнево на програмата, Тиквеш и Струга ТЛ ремизираа 2-2 во Кавадарци. Бразилецот Лусијанињо ги донесе домаќините во водство, стружани заиграа подобро, почнаа да доминираат на теренот и преку Агамах и Радески стигнаа до целосен пресврт.

Гостите имаа и трет погодок поништен поради минимален офсајд, по што во драматичен финиш Тиквеш се избори за реми од конечни 2-2, со голот на Бразилецот Ренатињо.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...