Сан Антонио прокоцка „плус 18“ против Денвер

Денвер не дозволи втор „брејк“ на домашен терен откако по голема битка успеа да се врати и да го совлада Сан Антонио со резултат 114-105. „Мамузите“ имаат за што да жалат со оглед на фактот дека во втората и во третата четвртина имаа убедливи 18 поени предност, но ниту тоа не им помогна да стигнат до водство од 2-0 во оваа плејоф-серија. Џамал Мареј одигра феноменално во последната четвртина, постигнувајќи 21 поен за 12 минути игра, правејќи целосен пресврт и носејќи радост на домашните фанови.

Торонто убедливо триумфираше над Орландо со 111-82, израмнувајќи на 1-1 во оваа серија од источната конференција. Ленард беше незапирлив за „магичните“ со 37 поени, додека Лоури го заврши мечот со 22 поени и седум асистенции за Торонто. Кај Орландо најефикасен беше Арон Гордон со 20 постигнати поени.

Портланд води со 2-0 против Оклахома Сити по синоќешната убедлива победа на домашен терен од 114-94. Клучна беше третата четвртина што домашните кошаркари ја добија со 37-21, создавајќи си предност што умешно ја сочуваа до крајот. Меколум со 33 поени беше најефикасен кај победничкиот тим со 33 поени, четири помалку постигна Лилард, додека на Расел Вестбрук во таборот на Оклахома му недостигаше само еден скок за нов трипл-дабл (14 поени, 11 асистенции, 9 скокови).

Се вчитува...