Сан Антонио во финале на Западот, Детроит се избори за мајсторка (ВИДЕО)

„Волците“ веќе не се во мода во НБА. Сан Антонио Спарс успеа да ја совлада Минесота со 139-109 во шестиот натпревар во полуфиналето на Западната конференција и се пласираа во финалето каде што одат на Оклахома Сити.

Сан Антонио уште на стартот наметна ритам, и дојде до +29 разлика во втората четвртина, и веќе беше јасно кој ќе го добие овој натпревар.

Стефон Касл го предводеше Сан Антонио со 32 поени, 11 скока и шест асистенции, Дирон Фокс додаде 21 поен, а Виктор Вембањама заврши со 19 поени. Најдобри играчи на Минесота беа Ентони Едвардс со 24 поени, Теренс Шенон додаде 21.

Првиот натпревар од финалето на Западната конференција помеѓу Сан Антонио и Оклахома Сити е закажан за понеделник кон вторник во 2:30 часот по македонско време.

Детроит го победи Кливленд со 115-94 на гостински терен и израмни во полуфиналето на Источната конференција на 3-3.

Пистонс беа предводени од Кејд Канингем со 21 поен, Пол Рид додаде 17, Џејлен Дуран имаше 15 поени и 11 скока, а Денис Џенкинс додаде 15 поени.

Џејмс Харден го предводеше Кливленд со 23 поени, додека Донован Мичел и Еван Мобли постигнаа по 18 поени.

Решавачкиот седми натпревар ќе се игра во недела навечер, а домаќин ќе биде Детроит.

Се вчитува...