Сапуницата Икарди: Ванда плачеше во ТВ-емисија, се јави Марота и ја „смири“

Сапуницата околу статусот на Мауро Икарди во Интер и неговата иднина во клубот продолжи и во текот на вчерашниот ден. Аргентинецот заедно со својата сопруга Ванда Нара го гледаше дуелот со Сампдорија од трибините на „Џузепе Меаца“, а таа потоа се појави на ТВ-емисијата „Тики Така“ и проговори за новонастанатата ситуација.

„За Мауро, одземањето на капитенската лента е како да му земале една нога. Тој секогаш со гордост го носел дресот на Интер, ако го интересираа парите уште одамна ќе донесе поинаква одлука наместо да остане овде. Капитенската лента беше неговата гордост, не му беше лесно да го наследи Занети и стори се што можеше за да ја оправда големата чест што му беше укажана. Не верувавме дека вакво нешто може да се случи. За мене беше изненадување и што дознав од твитер, иако сум во честа комуникација со директорите“ – истакна Нара низ сoлзи.

Изненадувањето се случи десетина минути подоцна во емисијата, кога во „Тики Така„ телефонски се вклучи директорот на Интер, Џузепе Марота, кој го пренесе клупскиот став за целиот случај.

„Сакаме да ставиме крај на контроверзите и да ја вратиме смиреноста. Смената на капитенот не е каззна за никого, но ние сме семејство, а во него родителите некогаш треба да донесат тешки одлуки за децата да пораснат. Одлуката му беше лично кажана на Мауро, заедно со објаснувањето зошто тој повеќе нема да биде капитен. Видов дека Ванда плачеше и жалам, но она што ние го направивме беше за доброто на Икарди, на клубот и на навивачите. Со неа сме договорени да и доставам понуда за продолжување на соработката и тоа ќе се случи многу брзо, по што таа и Мауро ќе можат да решат дали ќе ја прифатат или не“ – истакна Марота.

Се вчитува...