Сари раскинува со Јувентус – сака пак да работи

Маурицио Сари е подготвен предвреме да го раскине договорот со Јувентус за да може уште во текот на сезонава да најде нов тренерски ангажман, откриваат извори блиски до екс-тренерот на Наполи, Челси и Јуве. „Старата дама“ летово ја прекина соработката со овој стручњак, но Сари има уште две години од договорот и може да остане без ангажман и да заработува по шест милиони евра по сезона, се до јуни 2022 година.

Сепак, овој стручњак не планира да седи ниту една година без ангажман и да зема плата, како што тоа го стори неговиот претходник Масимилијано Алегри. Тој планира да го раскине договорот со Јуве во текот на месецов, да добие отштета од најмалку шест милиони евра за предвремениот раскин, а со самото тоа и да биде слободен за ангажман при првите откази што ќе се делат во фудбалска Италија.

Прва опција на Сари е Фиорентина, клуб каде ќе нема притисок експресно да атакува на трофеи и ќе добие време за да ја наметна својата фудбалска филозофија. Челниците на „виолетовите“ не се најзадоволни од Јакини, а доколку Сари стане слободен, јасно е дека процесот на тренерска смена во Фиренца би можел дополнително да се забрза. Покрај Фиорентина, сериозен интерес за овој стручњак покажува и Рома, чии нови газди не се премногу импресионирани од Фонсека, а по неуспешните преговори со Алегри сега би можеле да го доведат Сари на своето кормило.

Се вчитува...