Савевски: Девојките се тажни, но јас можам да им кажам само „Браво“

Македонија одигра и втор меч за кратко време во кој нашите јуниорки долго време водеа, но не успеаја да стигнат до победата. По ремито со Фарските Острови, денеска во самиот финиш потклекнаа против Холандија, која е главен фаворит за освојување на овој ЕХФ-шампионат, но селекторот Љубомир Савевски има само пофални изданија за изданијата на своите избранички.

Тој уште еднаш потенцираше дека станува збор за репрезентација што e во процес на создавање, а првите изданија се крајно охрабрувачки.

„Што да се каже, два меча играме одлично, но немаме сили да издржиме до самиот крај. Девојките се тажни, но јас можам да им кажам само „Браво“, за играта, за покажаниот карактер. Особено денеска, против оваа Холандија што е исклучиво моќна и што со оваа генерација за неколку години ќе се бори за титули и на сениорско ниво. А ние игравме одлично и имавме резултат повеќе од 45 минути. Работиме напорно, даваме се од себе, но ова е лимитот во моментов. Сепак, трениравме заедно само 15 дена, што е премалку за да се добие ваков ривал. Слободно можам да кажам дека сум горд на овие ракометарки, досега во кариерата не сум работел со ваква група, желна за тренинг, за напредување, тоа ми дава за право да се надевам на уште подобри резултати во иднина. Сигурно ни треба да создадеме поголема база, да имаме поширок список на играчи со што би издржале ваков тип на натпреварувања, но тоа е процес што ќе следи“, изјави Савевски.

Се вчитува...