Се бара стадион „под дрво и под камен“: Шкупи ќе биде домаќин на Маџари, а Победа во Турново

Македонскиот фудбал и неговата инфраструктура продолжуваат по старо, клубовите не се многу заинтересирани да вложат во подобрување на условите, па така си бараат алтернативни терени каде ќе ги играат мечевите од Првата лига, се додека не запролети. И така, наместо најави за натпревари, главни вести за клубовите, каде ќе ги играат своите мечеви.

Иако имаше најава дека Шкупи ќе биде домаќин во Гостивар, со оглед дека стадионот Чаир има повеќе кал отколку трева во овој период од годината, сепак, чаирчани ќе бидат домаќини на стадионот во Маџари, каде ќе го пречекаат тимот на Академија Пандев.

Стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп одамна е руина, стартуваа некои градежни работи, но се уште е тоа далеку од завршена работа, па Победа исто така бара алтернативни терени каде да игра. Со оглед дека теренот на Могила е исто така во најмала рака „смешен“ за прволигашки фудбал, Победа одбра да биде домаќин во Турново. Значи, пелагониското дерби ќе се игра на стадионот „Кукуш“ во Турново.

Се вчитува...