Се чека на ФИБА: МКФ бара казна, а Димитријевиќ игра за Хувентуд

Ненад Димитријевиќ се појави во тимот на Хувентуд на вечерашниот натпревар против Андора, како јасен доказ дека суспензијата што ја бара МКФ за македонскиот репрезентативец се уште не е стапена во сила. Младиот плејмејкер се најде во центарот на вниманието по одлуката на Македонската Кошаркарска Федерација да го пријави во ФИБА и да побара шестмесечна суспензија поради неговото неиграње за младинската репрезентација на Европското Првенство – Б дивизија во Софија.

Пријавата е веќе испратена и за истата ќе се одлучи наскоро, а се до конечниот збор од ФИБА Димитријевиќ има право да игра за Хувентуд, па тој денеска настапи на дуелот со Андора.

Македонецот влезе во игра во финишот од првата четвртина, имаше два поени и една асистенција, но на стартот од вториот период заработи ситна повреда на мускулот на ногата поради што мораше да биде повлечен. Лекарите експресно си ја завршија работата и Димитријевиќ се врати во игра пред крајот на третата четвртина, при негатива од осум поени на својот тим и со пет поени во низа помогна разликата да се спушти на „минус три“ (53-56) во пресрет на последните десет минути.

Налетот на Хувентуд го запре Американецот со македонски пасош, Шејн Витингтон, кој со седум поени во серија ја одведе Андора на „плус десет“ (55-65), по што гостите ја одржаа предноста до конечните 65-75.

Димиријевиќ за неполни 12 минути игра реализираше седум поени, надополнети со три скока и две асистенции. На спротивната страна, Витингтон беше најдобар поединец во редовите на Андора, реализирајќи 17 поени и шест скокови.

Се вчитува...